УНЕТ e официјален овластен Регистратор за регистрација на врвните домени .mk и .мкд, како и секундарните домени: edu.mk, org.mk, com.mk, net.mk, inf.mk
За регистрација на gov.mk секундарниот домен, овластен е исклучиво МАРнет. (МАРнет правилник)
Право на регистрација на .mk и .мкд домени
Националниот интернет домен на Република Македонија е врвниот македонски домен .mk, како и кириличниот домен .мкд
Во рамките на .mk доменот се организираат поддомени кои се нарекуваат секундарни домени. Во секундарните домени во .mk доменот се регистрираат поддомени кои се нарекуваат терцијални домени.
Во врвниот .mk домен се организираат:
- Примарен домен .mk
- Секундарни домени:
- gov.mk
- edu.mk
- org.mk
- com.mk
- net.mk
- inf.mk
Право да регистрираат име на домен во примарниот домен .mk имаат сите физички лица со живеалиште или престојувалиште во Република Северна Македонија и сите правни лица.
Правните лица регистрирани надвор од територијата на Република Северна Македонија треба да бидат соодветно идентификувани преку националните регистри за правни лица од државата во која се регистрирани.
Право да регистрираат име на домен во секундарниот домен .gov.mk имаат органите на државната управа во Република Северна Македонија, установи и други организации утврдени со Уставот на Република Северна Македонија и со закон, како и јавни претпријатија и единици на локална самоуправа и Градот Скопје.
Право да регистрираат име на домен во секундарниот домен .edu.mk имаат правни лица регистрирани за вршење образовна или научноистражувачка дејност, странски образовни организации што имаат дозвола за вршење образовна и научноистражувачка дејност во Република Северна Македонија.
Право да регистрираат име на домен во секундарниот домен .org.mk имаат непрофитни организации, здруженија на граѓани и фондации, центри, институти, политички партии, синдикати, јавни здравствени установи, приватни здравствени установи, фондови, странски амбасади и мисии во Република Северна Македонија, непрофитни странски организации на кои со меѓународен договор или согласно закон им е дозволено да вршат непрофитна дејност во Република Северна Македонија.
Право да регистрираат име на домен во секундарните домени .com.mk, .net.mk и .inf.mk имаат трговски друштва, физички лица регистрирани за самостојно вршење дејност, лица со јавни овластувања, комори, задруги, финансиски организации, правни лица и физички лица регистрирани за вршење стопанска дејност.
Право да регистрираат име на домен во примарниот домен .мкд имаат сите физички лица со живеалиште или престојувалиште во Република Северна Македонија и сите правни лица регистрирани на територија на Република Северна Македонија.
Бројот на домени кој може да го регистрира еден регистрант е НЕОГРАНИЧЕН.
Домените се регистрираат на период од една до десет години, со право на продолжување по истекот на периодот за период од една до десет години
Доколку важноста на доменот не биде обновена до датумот на кој истекува регистрацијата, доменот влегува во заштитен период од 60 (шеесет) дена и во тој период не може да се прават измени на податоците за доменот.
Доколку доменот не се обнови во текот на 60 (шеесет) дена од влегување во заштитениот период, доменот се повлекува од примарната зона на врвниот домен и повеќе не е активен.
По истекување на 120 (сто и дваесет) дена од влегувањето на доменот во заштитениот период, тој се брише од Регистарот и е слободен за регистрација.
Регистрантот одговора за точноста на податоците во барањето и за веродостојноста на приложената документација која се приложува кон барањето за регистрација на домен. Доколку дополнително се утврди дека доставените податоци во барањето се неточни или дека документацијата приложена кон барањето е неверодостојна, регистрарот има право доменот да го избрише без предходна согласност на регистрантот.
Начин на идентификација на корисници
Согласно Правилникот за регистрација на .mk и .мкд домени на МАРнет, UNET како овластен регистратор е должен да обезбеди соодветна идентификација на регистрантите при регистрација, измена на податоци, трансфер и сите други операции поврзани со домен.
Кон Барањето за домен регистрантот задолжително приложува и соодветна документација, во зависност од видот на доменот што се регистрира, односно од видот на субјектите кои имаат право да регистрираат домен и тоа:
- Заверена фотокопија од Актот со кој е извршен упис во соодветен регистар утврден со закон или друг доказ утврден со закон за стекнато право за вршење дејност,
- Одобрение од надлежен орган согласно одредбите од овој Правилник,
- Документ за лична идентификација на увид или соодветна електронска идентификација согласно Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги во случај кога подносител на Барањето е физичко лице.